Свет

Италија го презема ротирачкото претседателство со Г-7

Италија го презема ротирачкото претседателство со Г-7

Италија од денеска го презема ротирачкото претседателство со Г-7 – групата што ги обединува САД, Италија, Франција, Велика Британија, Германија, Јапонија и Канада, јавуваат светските агенции и италијанските медиуми.

Рим го презема ротирачкото претседавање со Г7 од Јапонија (ротирачки претседавач во 2023 година) во време на глобални тензии на два фронта – конфликтот во Украина и конфликтот меѓу Израелците и Палестинците. Друга важна тема ќе бидат односите со Кина. Прашањата поврзани со климата, безбедноста на храната, глобалното здравје и статусот на жените ширум светот, исто така, ќе бидат приоритети на италијанското ротирачко претседателство.

Посебно внимание во текот на годината ќе се посвети и на напредокот во областа на вештачката интелигенција и придобивките и ризиците кои произлегуваат од тоа.

Меѓу водечките приоритети ќе биде илегалната миграција и борбата против трговците со мигранти. Внимание во овој поглед ќе биде посветено на Африка, каде што се одвива еден вид натпревар помеѓу Глобалниот Исток и Глобалниот Запад. Во оваа насока, Италија ќе го насочи своето внимание на тоа како Г-7 ќе придонесе за развојот на африканскиот континент, за Африканците да не мора да го избираат патот на илегалната миграција од таму во ЕУ.

Се очекува на почетокот на италијанското ротирачко претседателство со Г-7, својот „План Матеи“ за развој на Африка да го претстави и италијанскиот претседател Џорџија Мелони. Планот го носи името на починатиот шеф на италијанскиот енергетски гигант ЕНИ Енрико Матеи, кој воспостави партнерски односи со странски земји врз основа на принципот на заемно корисна и рамноправна соработка. Вакви односи Мелони сака да се воспостават меѓу Италија и Африка, и пошироко – меѓу Европа и Африка.

На својата годишна прес-конференција на 4 јануари, Мелони најверојатно повторно ќе спомене кои се приоритетите на италијанското ротирачко претседавање со ЕУ. Од 13 до 15 јуни самитот на Г-7 ќе се одржи во јужното италијанско одморалиште Борго Игнација, во регионот на Пуља.

Предизвик за италијанското ротирачко претседателство со Г-7 оваа година е и фактот што на глобално ниво се зголемува влијанието на здружението БРИКС. Досега составена од Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, од денеска веќе има шест нови членки, а тоа се Аргентина, Египет, Етиопија, Иран, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.

Од создавањето на Г7 во раните 1970-ти, Италија 4 пати претседаваше со групата – во 1980, 1987, 1994 и 2017 година, кога самитите на лидерите на Г7 се одржаа соодветно во Венеција (двапати), Неапол и Таормина.

Во 10-те години кога Г-7 беше Г-8 со додавањето на Русија, Италија го имаше ротирачкото претседателство двапати – во 2001 година и во 2009 година, кога самитите се одржаа во Џенова и Акила. Од нив, оној во Џенова – првиот лидерски состанок на форматот Г-8 – беше обележан со антиглобалистички протести кои станаа насилни и однесоа живот на едно лице.

Со текот на времето, ЕУ, претставена од претседателите на Европската комисија и Европскиот совет, редовно беше поканета на самитите на Г-7. Клучен момент за Г-7 годинава ќе биде тоа што годинава има избори во две од земјите-членки на групата – САД и Велика Британија. Не треба да се заборави дека ќе има и избори за Европскиот парламент, кои ќе ги зафатат Италија, Франција, односно Германија. Сите овие избори би можеле да го променат политичкиот пејзаж во секоја земја од Г7 во 2024 година.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни