Изборниот законик на преговарачка маса – СДСМ за 1 ИЕ, ВМРО-ДПМНЕ за мнозински, ДУИ е за актуелниот модел

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека во преговорите за измените на изборниот модел ќе настапи со барање да се оди со мнозински модел. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски вели дека како партија се уште немаат изградено цврст став, особено за тоа дали треба да се оди со отворени листи, но дека овој модел се покажал како функционален во многу демократски земји. Сепак порачува дека во предвид треба да се имаат и препораките на ОБСЕ ОДИХР за законските пропусти.

Артан Груби пак од ДУИ вели дека за нив е добар актуелниот модел со 6 изборни единици, но би поддржале отворени листи. Сепак порачува, дека во овој случај треба да се спроведе обука за гласачите, поради, како што рече немањето искуство за тоа како се гласа на отворени избирачки листи.

Министерката за правда уште вчера најави дека деновиве ќе се одржуваат средби на партиите за да ги усогласат ставовите за измените на Изборниот законик. Таа рече дека тие се за една изборна единица со отворени листи, што беше и нивно предизборно ветување.

Во досегашните изјави на опозициските партии на Албанците, тие главно велат дека се за 3 изборни единици. Покрај за изборниот модел ќе се разговара и за промени во делот на финансирањето на изборната кампања и медиумско претставување, како и за составот на Државната изборна комисија и нејзиното функционирање.

Извор: ТВ21