Нов случај на измама за заминување на работа во странство е регистриран во тетовскиот регион. 32-годишна жена пријавила во полиција дека останала покуса за 3.000 евра откако поверувала на лажни ветувања за посредување при вадење на германска работна виза.
Лажно посредување и исплата на рати
Според пријавата поднесена вчеравечер во СВР Тетово, измамата започнала уште минатата година. Жената постигнала договор со лице, исто така од Тетово, кое се претставило како посредник што може да ѝ обезбеди работна виза за заминување во Германија.
Довербата ја чинела скапо, бидејќи договорената сума му ја исплатила на неколку наврати.
Расправија, па исклучен телефон
Откако поминало подолго време, а ветената виза не била обезбедена, оштетената сфатила дека е измамена и се обидела да си ги врати средствата.
„Како што е пријавено, услугата не била извршена, а кога стапила во контакт со него и си ги побарала парите, започнал расправија, а подоцна бил недостапен“, се наведува во полицискиот билтен.
Од Секторот за внатрешни работи Тетово информираат дека полицијата веќе работи на случајот и се преземаат соодветни мерки за негово целосно расчистување и лоцирање на измамникот.
