Странците кои управуваат возила во Македонија отсега ќе имаат полесен и побрз пристап до информациите за евентуални сообраќајни прекршоци преку новата апликација на Министерството за внатрешни работи.
За користење на апликацијата, корисникот најпрво треба да креира нов профил, по што на внесената електронска адреса добива код за верификација. По потврдувањето на профилот, потребно е да се внесе возилото кое го користи.
Откако ќе се најави, корисникот веднаш добива преглед на евентуалните неплатени казни, а достапни се и детални информации за секој прекршок – местото каде што е направен, времето на прекршокот, како и фотографии поврзани со настанот и возилото.
Апликацијата овозможува и директно плаќање на казните онлајн, со платежна картичка, без потреба корисникот дополнително да оди во институција за да ја регулира обврската.
Дополнителна погодност е можноста за 50 отсто намалување на казната доколку таа се плати во рок од осум дена од најавувањето и добивањето на известувањето.
Со новото решение, странските возачи треба полесно да имаат увид во своите обврски, но и побрзо да ги регулираат евентуалните сообраќајни прекршоци.