Свет

Израел го бомбардира меѓународниот аеродром во Алепо (Видео)

Израел го бомбардира меѓународниот аеродром во Алепо (Видео)

Во израелски воздушен напад рано утринава е оштетен и онеспособен меѓународниот аеродром во Алепо, јавија сириските државни медиуми, повикувајќи се на извори од сириската армија, пренесоа Асошиетед прес и Ројтерс.

Цитирајќи воен извор, државната новинска агенција САНА соопшти дека Израел „извршил воздушен напад од правец на Средоземното Море, западно од Латакија, гаѓајќи го меѓународниот аеродром во Алепо“. САНА соопшти дека ударот „предизвикал материјална штета“ и ја оштетил пистата на аеродромот.

Засега нема информации за жртви или повредени. Нема коментар од израелските власти.

Израел изведе стотици напади врз цели во деловите на Сирија кои се под контрола на владата во последниве години, вклучително и напади врз аеродромите во Дамаск и Алепо, но ретко ги призна или разговараше за операциите.

Но, Израел признава дека ги нападнал базите на милитантните групи поврзани со Иран, како што е либанскиот Хезболах, кој испрати илјадници борци да ги поддржат силите на претседателот Асад.

Алепо, кој претрпе значително уништување за време на граѓанската војна во Сирија, повторно беше силно погоден од смртоносниот земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што ги потресе Турција и Сирија минатиот месец. Оттогаш, голем број земји испратија пратки со помош на аеродромот во градот.

На 19 февруари израелски воздушни напади погодија станбени области во сирискиот главен град Дамаск, при што загинаа најмалку пет лица, а беа повредени 15, објавија сириските државни медиуми.

На 2 јануари, сириската армија соопшти дека израелските сили истрелале проектили на меѓународниот аеродром во главниот град Дамаск, онеспособувајќи го и убивајќи двајца војници. Нападот се случи во услови на израелска загриженост дека аеродромот во Дамаск се користи за шверц на иранско оружје во земјата, не само за силите на Асад, туку и за либанската шиитска група Хезболах.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни