Израел најави интензивирање на нападите на северот на Појасот Газа, додека во исто време САД најавија дека се посветени на испорака на поголеми количини хуманитарна помош за Палестинците на кои им снемува храна, вода, лекови и гориво. Повеќе од 50 Палестинци се убиени во израелските воздушни напади врз Појасот Газа, што го означи почетокот на новата фаза од операцијата Железни мечеви. Во меѓувреме, Газа е во смртна замка каде што најмногу страдаат децата
Израелскиот министер за одбрана Јоав Галан ненадејно ги посети војниците на границата со Газа, велејќи им: „Сега ја гледате Газа од далеку, наскоро ќе ја видите и однатре“.
„Јас имам задача да не одведам до победа. Ќе бидеме прецизни и силни и ќе продолжиме додека не ја исполниме нашата мисија“, им порача Галант на војниците.
Набргу по изјавата на Галан, победа вети и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Ова е нашиот најмрачен час“, рече Нетанјаху на средбата со неговиот британски колега Риши Сунак.
По нападот на Хамас во саботата, 7 октомври, во кој загинаа најмалку 1.400 Израелци, главно цивили, Израел повика 360.000 резервисти и собра огромна војска околу Појасот Газа, истовремено зајакнувајќи ја одбраната на својата северна граница од можни напади на Хезболах во Либан.
Израелските власти се категорични дека нема друг избор освен масовен напад, со кодно име Операција Железни мечеви.
„Стратегијата беше секој пат да има подолг јаз меѓу различните конфликти, но тоа не функционираше. Значи, единствената опција е да влеземе, да го исчистиме и елиминираме Хамас од корен, не само воено, туку и економски, неговата администрација. Сè треба да замине. Нема да биде толку кратко колку што би сакале. Ќе биде потребно време“, изјави висок израелски безбедносен претставник.
Додека стравот се шири низ регионот, јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади рече дека сето тоа води кон „најлошото што доаѓа“.
Газа во стапица на смртта
Портпаролот на Министерството за здравство во Газа изјави дека од 7 октомври израелските напади врз Газа резултирале со смрт на 4.651 Палестинец, од кои 40 отсто се деца. Тоа значи дека во последните две недели во Газа се убиени околу 1.860 деца.
Палестинците рекоа дека добивале повеќекратни предупредувања од израелската војска да се преселат од северниот дел на Газа кон југот на Појасот, со додадена порака дека би можеле да бидат идентификувани како симпатизери на „терористичка организација“ доколку останат таму.
Палестинската Црвена полумесечина вели дека горивото мора да биде вклучено во хуманитарната помош што влегува во Газа за да можат болниците да продолжат да работат.
„Оваа хуманитарна помош не содржи гориво што е од витално значење за продолжување на работата на болниците. Болниците ќе се затворат ако останеме без гориво“, вели Небал Фасах од организацијата.
Цивилите во Газа се „на работ на катастрофа“ поради акутен недостиг на храна, вода и медицински материјали, соопшти Светската програма за храна на ОН (WFP).
Агенцијата соопшти дека и се потребни 74 милиони долари за итни потреби во Појасот Газа во следните 90 дена, пренесува Си-Ен-Ен.