Свет

Извлечен од урнатините во Венецуела после осум дена, сопругата мислела дека е мртов: „Тој е херој“

Извлечен од урнатините во Венецуела после осум дена, сопругата мислела дека е мртов: „Тој е херој“

Осум дена по разорните земјотреси во Венецуела, кои однесоа илјадници животи, спасувачките екипи во вистинско чудо успеаја жив да извлечат маж кој цело тоа време преживеал под урнатините.

Четириесетгодишниот обезбедувач Хернан Алберто Хил Флорес бил затрупан под девет метри урнатини од срушениот паркинг на трговски центар во Ла Гуаира. Тој беше извлечен во четврток, по повеќедневна акција на локални и меѓународни спасувачки тимови.

Чилеанските пожарникари потврдија дека Хил е „во добра состојба“ и дека веднаш бил пренесен во болница, пренесува CNN. За неговото спасување биле потребни повеќе од 70 часа непрекината работа.

Спасувачите првпат во неделата добиле информација дека под урнатините можеби сè уште има преживеан. Тогаш, со помош на специјална камера за пребарување, за првпат воспоставиле визуелен контакт со него. На снимката што ја објавија чилеанските пожарникари се гледа како Хил мавта низ мал отвор меѓу бетонските плочи и урнатините.

Сложена спасувачка операција

Три дена спасувачките екипи внимателно копале безбеден тунел за да стигнат до него и да му достават сè што му било неопходно за да остане жив.

Медицинските екипи постојано комуницирале со него, а преку црево и шприц му давале вода, храна и лекови.

Видео што го сподели претседателот на Ел Салвадор, Најиб Букеле, прикажува спасувач како разговара со Хил и преку црево му дава портокалова течност, најверојатно пијалак со електролити, додека тимовите се подготвуваат за неговото извлекување.

По спасувањето, Хил беше снимен со кислородна маска и крваво око.

„Откако го сместивме во возилото на Итната помош, неговата состојба беше стабилна“, изјави за Reuters болничарот на Венецуелскиот Црвен крст, Луис Родригез, кој учествувал во спасувањето.

„За време на транспортот беше свесен, комуницираше и соработуваше со медицинскиот тим, а сите витални параметри му беа во нормални граници“, додаде тој.

Сопругата мислела дека е мртов

Сопругата на спасениот, Гусвимар Гонзалес, признала дека со денови живеела во неизвесност и била убедена дека нејзиниот сопруг загинал.

„Кога дознав дека е жив, како повторно да изгреа сонце. Се бореше како вистински херој“, им изјавила таа на новинарите.

Спасувачката акција била исклучително опасна бидејќи оштетената конструкција постојано се заканувала да се урне, а тунелот што го копале неколкупати се срушил.

Себастијан Мокоркер од Тимот на Обединетите нации за проценка и координација при катастрофи објасни дека првите три дена по катастрофа се сметаат за „златен период“ за пронаоѓање преживеани, па фактот што Хил бил извлечен жив по осум дена претставува вистинско чудо.

Градот во кој беше спасен е меѓу најтешко погодените од катастрофалните земјотреси. Според претседателот на Националното собрание и брат на вршителката на должноста претседател, Хорхе Родригез, во двата силни земјотреси загинале најмалку 2.295 лица, а властите предупредуваат дека конечниот број на жртви најверојатно ќе биде уште поголем.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни