Јанева со лисици кај Рускоска за „Рекет“: „Увид во доказите па исказ“ – Одбраната бара и куќен притвор

Пред 12 часот, со возило од службата за обезбедување од затворот „Скопје“ беше спроведена поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, на распит кај нејзината колешка Вилма Рускоска во врска со „Рекет“.

Со лисице на рацете, и најлон во кој не е познато што носеше и полициска придружба преку скалите во Апелациониот суд каде што се наоѓа одделението за гонење на организиран криминал и висока корупција Јанева требаше да сведочи како третоосомнченоа во случајот „Рекет“.

По помалку од еден час Јанева излезе од просториите на Обвинителството. Нејзината адвокатка Ирена Фрчковска рече дека исказ ќе дадат откако ќе ги видат доказите, односно Јанева ќе почне да врши увид од четврток.

„Во текот на денешниот ден беше извршен спровод на Катица Јанева каде таа беше повикана да даде исказ за случајот „Рекет”. Таа ќе го искористи правото да ги види доказите, па потоа ќе даде исказ во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција. Првоосомничениот е утре, а нас ќе ни биде дозволено да вршиме увид во четврток. Бевме известени дека утре ќе ни биде врачено известување за завршување на истражната постапка. Сметаме дека обвинителот е должен прво да ја сослуша Јанева, па потоа да ја затвори истрагата”, изјави адвокатката Фрчкоска.

Одбраната на Јанева смета дека со завршување на истрагата е отворена можноста да се понуди гаранција за таа да излезе од притвор. Јанева освен адвокатката Фрчкоска, одбраната ја засили и со адвокатот Кадиев кој го застапува обвинетиот сопственик на „Дурмо турс“ за трагичната сообраќајка за која се води судска постапка.

„Со завршување на истрагата, отпаѓа точката 2, така да ќе се створи можност притворот да остане под точка 1, а тоа е бегство. Со тоа се отвора можност да биде пуштена да се брани од слобода. Ние уште утре кога ќе го добиеме тоа известување, ќе поднесеме веднаш укинување на притворот со нудење на гаранција”, вели Кадиев.

Јанева е во притвор од 21 август, кога беше уапсена за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања. Вчера, на распит кај Вилма Рускоска, шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција, беше Бојан Јовановски, кој, исто така, одби да даде исказ пред да ги види доказите против него.

Извор: ТВ21

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1
spot_img

Најважното