Јапонската полиција им ги одзема возачките дозволи на пијаните велосипедисти

Јапонската полиција одзела возачки дозволи на речиси 900 возачи поради тоа што биле фатени како возат велосипед под влијание на алкохол, објавија локалните медиуми. Владата оцени дека прекршителите „веројатно претставуваат значаен ризик во сообраќајот, и како возачи на автомобили“.

Бројот на одземени дозволи од јануари до септември драстично пораснал во однос на минатата година, откако Јапонија воведе нови сообраќајни правила со многу построги казни за велосипедистите. Според правилата воведени во ноември минатата година, велосипедистите кои возат пијани можат да добијат казна затвор до три години или парична казна до 500.000 јени (околу 3.000 евра).

Се вчитува...

Снижен е и прагот за санкционирање – казната може да се изрече веќе ако алкотестот покаже 0,3 промили алкохол во крвта. Пред новите правила, велосипедистите најчесто се казнувале само ако не можеле правилно да го управуваат велосипедот.

Популарноста на велосипедите пораснала за време на корона-кризата

Казни може да добијат и лицата кои служат алкохол на велосипедистите или им даваат велосипед ако знаат дека возачот е пијан. „Возењето велосипед под влијание на алкохол може да предизвика сериозни несреќи. Се надеваме дека сите ќе ги почитуваат правилата: ‘Не пиејте додека возите’“, изјави полициски службеник за весникот Yomiuri Shimbun.

Полицијата од ноември 2024 до јуни оваа година регистрирала повеќе од 4.500 случаи на возење велосипед во пијана состојба. Популарноста на велосипедите драстично пораснала за време на пандемијата, но истовремено и бројот на несреќи: во Јапонија во 2023 година биле забележани повеќе од 72.000 велосипедски несреќи, што е над 20% од сите сообраќајни несреќи во земјата.

Јапонија има долга традиција на дружење со алкохол, особено во деловното опкружување, каде договорите и чувствителните теми често се разговараат со пиво или саке. Се верува дека алкохолот го олеснува комуницирањето и ја намалува напнатоста.

Според новите правила кои стапуваат на сила следниот април, велосипедистите ќе се казнуваат и за помали прекршоци, како што се возење со чадор во рака, користење на мобилен телефон додека возат, поминување на црвено светло или возење без светло ноќе.