Студентите на државните универзитети во Скопје наскоро ќе можат да го користат бесплатниот јавен превоз со дигитална картичка, без потреба од доставување документи во хартиена форма или посета на билетарниците на ЈСП.
Новото решение го воведуваат ЈСП Скопје и Град Скопје, во соработка со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, а ќе важи и за студентите на Универзитетот „Мајка Тереза“.
Целата постапка ќе се одвива електронски. Податоците за студентскиот статус автоматски ќе се синхронизираат меѓу ЈСП и универзитетите, со што студентите нема да имаат обврска да носат потврди или лично да одат на билетарница за заверка.
Упатствата за активирање на картичката студентите ќе ги добијат преку своите електронски адреси. Потоа, картичката ќе може да се активира и користи преку мобилната апликација „SkopjeBus“.
При најавувањето во апликацијата, студентите ќе треба да ја внесат истата електронска адреса со која се регистрирани на универзитетот.
По активирањето, дигиталната превозна картичка ќе биде достапна во апликацијата како QR-код, кој ќе се користи за валидација при користење на јавниот превоз.
Од ЈСП Скопје најавуваат дека студентите дополнително ќе добијат навремени информации за сите чекори потребни за активирање и користење на дигиталната картичка.