Јужна Кореја и САД разговараат за заедничко планирање и спроведување на американските нуклеарни операции за спротивставување на Северна Кореја.
Сепак, зборовите на Сеул се во спротивност со тезата на американскиот претседател Џо Бајден, кој претходно тврдеше дека нема да има заеднички нуклеарни вежби меѓу двете земји. Бајден рече дека САД не разговараат за заеднички воени вежби со Јужна Кореја, што е спротивно на она што јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол го рече во интервју за локален весник.
Меѓутоа, портпаролот на Јун сега вели дека Бајден „немал избор освен да каже не“, бидејќи тој едноставно бил прашан дали двете земји „разговарале за нуклеарни вежби“, а заедничките нуклеарни вежби може да се изведуваат само меѓу нуклеарните земји.
„За да одговорат на севернокорејскиот нуклеарен арсенал, двете земји разговараат за начините за споделување информации за употребата на нуклеарното оружје што го држат САД, како и за заедничкото планирање и, соодветно, за нивна заедничка употреба“, се вели во соопштението на портпаролот.
Висок официјален претставник на американската влада го повтори ставот искажан од Бајден, велејќи дека заедничките нуклеарни вежби со Сеул „би биле многу тешки“, бидејќи Јужна Кореја не е нуклеарна држава, но двата сојузници бараат зголемена размена на информации, заедничко планирање и симулации за одговор на кризи.