Свет

Јужна Кореја подигнува борбени авиони

Јужна Кореја подигнува борбени авиони

Војската на Јужна Кореја соопшти дека ги ставила борбените авиони во состојба на готовност откако открила прелети на околу 180 севернокорејски воени авиони во близина на границата меѓу двете Кореи.

Началникот на Здружениот штаб на вооружените сили на Јужна Кореја појасни дека активноста на севернокорејската авијација продолжила околу четири часа во неколку области долж источната и западната страна на границата. Како одговор, јужнокорејската страна подигна околу 80 авиони, вклучително и стелт-ловци Ф-35А, но нема извештаи за судири.

Ниту еден од авионите на КНДР не ја проби границата меѓу двете земји.

Имаше уште еден сличен инцидент минатиот месец, кога прелет на десет севернокорејски воени авиони ја принуди Јужна Кореја да ги подигне борбените авиони на готовност.

На 31 октомври, САД и Јужна Кореја започнаа воздушна вежба во која учествуваа околу 240 авиони, најголемата од ваков вид во последниве години. Според планот, тој требаше да заврши денеска, но поради зголемените ракетни тестови од страна на КНДР неодамна, ќе биде продолжен за уште еден ден, до утре, изјави јужнокорејскиот министер за одбрана Ји Џеон Суп, цитиран од локалните медиуми.

Пјонгјанг ги опиша заедничките американско-јужнокорејски маневри како „непромислена“ воена провокација и се закани со одмазднички мерки. Севернокорејската влада, исто така, рече дека најновите ракетни тестови имале за цел да симулираат удар со тактичко нуклеарно оружје на јужнокорејските аеродроми.

Претходно денеска беше објавено дека Северна Кореја истрелала околу 80 артилериски гранати долж поморската граница меѓу двете Кореи.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни