Јужна Кореја размислува за одговор откако нејзин брод беше погоден во Ормускиот Теснец

Претседателскиот кабинет на Јужна Кореја денеска расправаше за одговорот на Сеул по пожарот што избувна по експлозија на товарен брод управуван од голема јужнокорејска бродска компанија во Ормускиот Теснец. Во исто време, американскиот претседател Доналд Трамп ја повика Јужна Кореја да се приклучи на мисијата предводена од САД во оваа стратешка поморска рута, јавува Anadolu.

Состанокот во претседателската канцеларија, на кој присуствувале шефот на кабинетот Кан Хун-сик и други високи функционери, се одржал без објавување детали, пренесува Yonhap.

Се вчитува...

Сеул соопшти дека презема сите неопходни мерки за утврдување на точната причина и околностите околу експлозијата на бродот во Ормускиот Теснец.

„Точната причина за инцидентот ќе може да се утврди по проценка на штетата кога бродот ќе биде одвлечен“, соопшти Министерството за надворешни работи, пренесува The Korea Times.

Екипажот безбеден, причината сè уште непозната

Инцидентот се случил доцна во понеделникот, додека бродот „HMM Namu“ бил закотвен во близина на брегот на Обединетите Арапски Емирати.

Пожарот избувнал во машинската просторија, а екипажот се борел со огнот околу четири часа користејќи системи со јаглерод диоксид.

Потврдено е дека сите 24 членови на екипажот, меѓу кои шестмина Јужнокорејци и 18 странски државјани, се безбедни.

Причината за експлозијата сè уште се истражува, а претставник на компанијата HMM Co. изјавил дека не е познато дали станува збор за надворешен напад или технички дефект.

Во меѓувреме, 26 бродови под јужнокорејско знаме сè уште се блокирани во теснецот.

Трамп повикува на приклучување кон мисијата

По инцидентот, Доналд Трамп ја повика Јужна Кореја да се приклучи на американската мисија во Ормутскиот Теснец, истакнувајќи дека „можеби е време Сеул да се вклучи во операцијата“.

Иранските државни медиуми претходно објавија дека две ракети погодиле американски воен брод во близина на островот Јаск, но САД категорично ги демантираа овие тврдења.

Тензиите дополнително се зголемија откако Иранската Револуционерна гарда предупреди дека секој брод што нема да ги почитува правилата за транзит ќе биде „силно запрен“ во Ормускиот Теснец.

Ескалација, одмазда и блокада

САД и Израел започнаа напади врз Иран на 28 февруари, по што следуваше иранска одмазда против Израел и американски сојузници во Заливот, како и затворање на Ормускиот Теснец.

Од 13 април, САД спроведуваат поморска блокада насочена кон иранскиот бродски сообраќај во оваа стратешка рута.

Двонеделно примирје стапи на сила на 8 април со посредство на Пакистан, по што следуваа директни преговори во Исламабад, но без постигнат траен договор.

Доналд Трамп потоа го продолжи примирјето без утврден рок, на барање на Пакистан.