Како ќе преживеат астронаутите по враќањето? Почнува вистинскиот шок за телото!

Астронаутите од мисијата Artemis II денес се враќаат на Земјата по историско десетдневно патување околу Месечината, но вистинскиот предизвик за нив започнува дури по слетувањето – кога телото повторно ќе мора да се прилагоди на земјината гравитација.

Вселенското летало „Орион“ треба да слета во Тихиот Океан, во близина на Сан Диего, а целиот процес на влез во атмосферата ќе се одвива со екстремна брзина од околу 40.000 километри на час. Во таа фаза, капсулата ќе биде изложена на огромно триење и високи температури, кои се контролираат со специјален топлински штит.

Иако спуштањето во океанот ќе го означи крајот на мисијата, тоа не значи и крај на предизвиците за екипажот. Напротив, токму тогаш започнува најнеочекуваниот дел – повторната адаптација на Земјата.

По слетувањето, астронаутите ќе останат во капсулата додека не пристигнат спасувачките екипи. Во операцијата ќе учествуваат повеќе хеликоптери кои ќе ја стабилизираат капсулата и ќе ги извлечат астронаутите еден по еден. Потоа тие ќе бидат префрлени на брод на американската морнарица, каде ќе им бидат направени првични медицински прегледи.

Лекарите предупредуваат дека по само десет дена во микрогравитација, телото почнува да „заборава“ како да функционира во нормални услови. Мускулите може да бидат ослабени, рамнотежата нарушена, а крвниот притисок променет. Затоа првите часови по враќањето се критични – секое движење е бавно и внимателно контролирано.

Иако астронаутите редовно вежбаат во вселената за да ги намалат последиците, престојот во бестежинска состојба сепак остава трага. Телото мора повторно да се „постави“ под влијание на гравитацијата, процес кој може да трае со денови.

Оваа мисија претставува важен чекор во програмата Artemis program, чија цел е враќање на човекот на Месечината и подготовка за идни мисии кон подалечниот вселенски простор.