Камала Харис за војната против Иран: Трамп не е идиот, тој е опасен!

Поранешната потпретседателка на САД, Камала Харис, остро ја нападна администрацијата на Доналд Трамп поради војната со Иран, нарекувајќи ја целата ситуација „обична глупост“. Како што пренесува CNN, Харис своите критики ги изнела за време на неформален разговор со демократите во Лас Вегас, што предизвикало силен аплауз кај присутните.

„Кога ќе ја погледнете оваа војна со Иран, која американскиот народ не ја сака и за која не доби одобрување од Конгресот – а дури и да добиеше, не требаше да се започне. Зборуваше за целосно уништување, а потоа рече дека тоа и го направил… Сето тоа е обична глупост“, изјавила Харис. По бурната реакција од публиката, на шега додала дека самата на себе си ветила дека повеќе нема да пцуе во јавност.

Се вчитува...

„Русија е најголемиот добитник од оваа војна“

Харис во своето обраќање нагласила дека од конфликтот на Блискиот Исток најмногу профитира Москва, а не Соединетите Американски Држави. Објаснила дека високите цени на нафтата и промените во санкциите директно му помогнале на рускиот буџет.

„Сакате ли да знаете кој е најголемиот победник во иранската војна? Русија. Поради ситуацијата со нафтата, Трамп всушност ги ублажи санкциите кон Русија. Знаете ли што значи тоа? Заработуваат од продажба на нафта што претходно им беше забрането да ја продаваат. Што уште значи тоа? Таму испраќаме артилерија, муниција и противвоздушна одбрана што инаку би оделе за Украина. Последиците се далекусежни“, предупредила поранешната потпретседателка.

„Трамп не е идиот, туку опасен“

Критикувајќи го претседателот, Харис ги отфрлила обидите Трамп да биде прикажан само како непромислен лидер. Порачала дека неговите потези се пресметани и штетни за националната безбедност.

„Нема да го отпишам како идиот. Тој е опасен. Тој е опасен“, повторила Харис. Таа истакнала дека притисоците на Трамп врз Иран „брзо“ да потпише договор доаѓаат во момент кога самиот ја вовлекол земјата во конфликт без јасен план за излез.

„Народот не е глуп“

Харис се осврнала и на домашните прашања, особено на неодамнешната одлука на Врховниот суд за Законот за избирачки права. Смета дека тоа ќе има огромно влијание врз претстојните меѓуизбори во ноември.

„Намерно им го отежнуваат гласањето на луѓето затоа што знаат дека народот не е глуп. Граѓаните многу добро внимаваат на цената на бензинот, цената на домувањето и цената на оваа војна“, заклучила Харис, осврнувајќи се на обидите на републиканците да ги прекројат изборните единици во своја корист.