Камилите дисквалификувани – им било вбризгано ботокс

Додека кралиците на убавина се подготвуваат за изборот за Мис Универзум во Израел, уште еден натпревар за убавина на Блискиот Исток го потресе скандал. Се работи за избор на најубава камила, а десетици „учеснички“ на изборот за Мис Камел биле дисквалификувани поради ботокс, јавуваат израелските медиуми.

„Фестивалот на камили на кралот Абдулазиз“ започна на 1 декември и трае 40 дена, но на многу камили им е забрането понатамошно учество поради измама, објавија арапските медиуми.

Ал Џезира ја нарече „најголемата пресметка“ со едногрбните камили, бидејќи најмалку 43 од нив се дисквалификувани поради вештачко разубавување.

На некои животни им бил вбризган ботокс во усните за да изгледаат поголеми, објави Ал Арабија, а биле користени и гел-ипланти, стероиди и филери.

Целата вредност на наградите од 66 милиони долари несомнено ја мотивираше целата низа обиди да се искористат незаконски средства за да се фатат погледите на судиите.

Натпреварот во 19 различни категории во Саудиска Арабија за најубава камила е најголемиот ваков настан во светот.

Ним им се суди по расата, послушноста и убавината, меѓу другото.

Според веб-страницата на Владата на Саудиска Арабија, натпреварот е „годишен културен, економски, спортски и забавен фестивал“ под кралско покровителство.

Оваа година сопствениците на камили дојдоа од Саудиска Арабија, земјите од Персискиот залив, САД, Русија и Франција за да се натпреваруваат во пустината недалеку од главниот град Ријад.

Натпреварувањето ќе продолжи и покрај скандалот.