Свет

Канадскиот премиер до Трамп: Престани со мемињата

Канадскиот премиер до Трамп: Престани со мемињата

Канадскиот премиер Марк Карни синоќа ѝ порача на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да „престане со мемиња, провокации и обиди да изгледа силно“, со што одговори на новиот бран напади од Вашингтон.

Карни изјави дека трговските преговори меѓу САД и Канада може да продолжат доколку Вашингтон сериозно му пристапи на процесот, но истовремено ги обвини Соединетите Американски Држави дека бараат услови кои би довеле до тоа канадската индустрија „постепено да пропадне и исчезне“.

Ескалација на вербалниот конфликт

„Кога Американците ќе престанат со мемиња и провокации, ќе престанат да се обидуваат да изгледаат силни и сериозно ќе пристапат кон разговорите, можеме да преговараме“, рече Карни.

Тој додаде дека ваквото однесување не е конструктивно, но оцени дека тоа е „нивната демократија“.

Неговите коментари следуваат по серијата остри пораки од Вашингтон, кои траат откако преговорите беа прекинати на 21 август. Во меѓувреме, Трамп одлучи езерото Онтарио да го преименува во „Езеро Америка“, а преку социјалните мрежи продолжи со исмевање на Канада.

Американскиот министер за финансии Скот Бесент изјави дека Канада не може да возвраќа со иста мерка на економија која е 13 пати поголема од нејзината.

Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет, исто така, ја исмеваше канадската армија на интернет. Во понеделникот објави фотографија од две кадетки од центар за обука во Британска Колумбија, со натпис „ова е реалноста“ и канадското знаме.

Карни ја оцени објавата како „недостојна за нивната функција“. Пентагон во вторникот го поддржа Хегсет, порачувајќи дека „објавата на платформата X зборува сама за себе“.

Бесент, пак, за „Фокс њуз“ изјави дека тој и Хегсет со своите зборови „го дотепале“ Карни. На повикот на канадскиот премиер американската администрација да престане со провокациите и да се врати на преговорите, Бесент одговори: „Па, тој беше тој што рече дека сме во војна“.

Спорните американски барања

Карни смета дека американскиот пристап во преговорите би ги претворил канадските компании практично во подружници на американски компании.

Според него, САД сакаат да наметнат услови под кои канадската индустрија „постепено би пропаѓала, додека целосно не биде избришана“.

„Секако дека нема да прифатиме такви услови“, порача Карни.

Канадскиот премиер истакна дека Вашингтон барал „неконкурентен“ договор за клучни сектори, вклучително и автомобилската индустрија, а истовремено туркал промени кои би можеле да ја загрозат заштитата на францускиот јазик и култура.

Тој нагласи дека секое од овие прашања само по себе би било доволна причина за блокирање на договорот.

Карни додаде дека Вашингтон се обидел да ги ограничи и идните трговски договори на Канада.

„Канада е суверена држава. Ќе склучуваме договори за слободна трговија со земјите со кои ние сакаме“, изјави тој.

Карни ја зајакнува позицијата на домашен терен

Претседателката на Канадскиот конгрес на трудот, Беа Бруске, изјави дека Карни во вторникот им порачал на синдикалните лидери да не очекуваат брзо нормализирање на односите со САД.

Ситуацијата ја опиша како „нова нормалност на која сите мора да се навикнеме“.

Позицијата на Карни дополнително беше зајакната по успехот на либералите на трите дополнителни избори одржани во понеделникот. Особено значајна е убедливата победа во Квебек, каде што конзервативците завршија на третото место.

Со овие победи, либералите обезбедија 173 од вкупно 343 места во Долниот дом на парламентот, со што дополнително се зајакна позицијата на премиерот во спорот со Трамп околу трговијата и канадскиот суверенитет.

Нелсон Вајсман, професор емеритус по политички науки на Универзитетот во Торонто, оцени дека заканите на Трамп за анексија имаат особено значење во Квебек.

„Жителите на Квебек може да изгубат најмногу во црното сценарио во кое САД би ја апсорбирале Канада, бидејќи тогаш би исчезнал посебниот статус на францускиот јазик“, објасни тој.

Трговските преговори пропаднаа бидејќи двете страни не постигнаа договор, по што Трамп воведе царини од 50 отсто на канадска стока во вредност од околу 20 милијарди долари.

Канадските возвратни царини за американска стока со слична вредност треба да стапат во сила на 8 септември, а ќе изнесуваат од 15 до 50 отсто.

Трамп во повеќе наврати ја спомена и можноста Канада да стане 51. сојузна држава на САД.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни