Во силните земјотреси во западен Авганистан загинаа 2.053 лица, а повеќе од 9.000 се повредени, соопшти авганистанското Министерство за управување со катастрофи.
Истиот извор наведува дека најмалку 2.053 лица загинале, а уште 9.240 лица се повредени. Земјотресите уништиле или оштетиле 1.329 куќи, пренесува Ројтерс.
Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар вчера соопшти дека неколку земјотреси со јачина од 6,4 степени според Рихтеровата скала го погодиле западен Авганистан.
– Повеќе од 200 мртви се донесени во неколку болници – изјави претставник на здравствената служба на Херат, кој додаде дека 510 лица се повредени, пренесе Ројтерс.
Многу загинати се префрлени и во воени бази, па засега не може да се зборува за точниот број на жртви, додаде функционерот.
Најсилниот земјотрес ја погоди областа кај Херат
Најсилниот земјотрес беше со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала и погоди област на околу 40 километри од западниот град Херат околу 11:00 часот по локално време (06:30 по Гринич). Земјотресот бил на длабочина од 10 километри, се наведува во извештајот на Германскиот истражувачки центар за геонауки (ГФЗ).
#AfghanistanEarthquake | A powerful earthquake in #Afghanistan followed by strong aftershocks kills over 2,000 & injures 500.
The death toll is expected to rise as many people are still trapped under the debris.#earthquakes pic.twitter.com/TFEVvgOsHr
— Mirror Now (@MirrorNow) October 8, 2023
Локалното население во Херат во паника ги напуштило своите домови и многумина ја поминале ноќта на улица. Оштетени се многу згради, луѓе останаа заробени под урнатините, а имаше најмалку три силни последователни потреси.
Според Ројтерс, земјотреси се почувствувани и во провинциите Фарах и Бадгис. Се стравува дека бројот на жртви ќе се зголеми бидејќи многумина ќе останат заробени во урнатините.
Херат се наоѓа на 120 километри источно од границата со Иран и се смета за културен главен град на Авганистан. Се проценува дека во покраината живеат околу 1,9 милиони луѓе, според податоците на Светската банка за 2019 година.
Авганистан често е погоден од земјотреси – особено во планинскиот венец Хинду Куш, кој се наоѓа во близина на спојот на евроазиската и индиската тектонска плоча. Во јуни минатата година, провинцијата Пактика беше погодена од земјотрес со јачина од 5,9 степени во кој загинаа повеќе од 1.000 луѓе, а десетици илјади останаа без покрив над главата.