Македонија

Катица не може да биде изземена? Има законска празнина, нема кој да одлучува по ова прашање

Веќе две пати е побарано изземање на Катица Јанева како главна специјална обвинителка од предметите на СЈО, кои се во судска постапка.

Последното барање доаѓа од Еленко Миланов, кој го брани Исмет Гури во случајот „Титаник 3“. Судијката на овој случај, Марија Клетничка, истакна дека барањето на Миланов не кореспондира со законските одредби на кои тој го заснова барањето. Сепак, вели дека барањето ќе им биде доставено на повисоките инстанции. Претседателот на Советот на обвинители, вели дека во овој случај има законски вакуум и дека нема кој да одлучи за разрешување на Јанева.

И поранешниот обвинител, Александар Наков, тврди дека законот не предвидува изземување на Јанева, меѓутоа, според него, по сите настани, Републичкиот обвинител до Советот на обвинители треба да достави предлог, Јанева да биде суспендирана од СЈО. Наков во телефонски разговор вели дека барањето на адвокатите е оправдано.

Адвокатот Еленко Миланов, вели дека несогласувањата и конфликтот на интерес во случајот „Рекет“, биле причина да побара изземување на Јанева и обвинителите кои таа ги авторизира.

И поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајовски, обвинет во случајот „ТНТ“, пред една недела лично доставил барање до Кривичен Суд, Јанева да биде изземена. Барањето го заснова на можната поврзаност  на Јанева со скандалот „Рекет“.

Специјалната обвинителка во заминување, Катица Јанева, повикувајќи се во независноста на работата на СЈО, вчера го одби барањето на адвокатот Еленко Миланов, обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски, да се изземат од предметот „Титаник 3“.

Пред да влезе во Обвинителството за гонење на организиран криминал, Јанева изјави дека нејзините колеги имаат целосно овластување да ги застапуваатпредметите пред судот и се надева дека есенва ќе има пресуди.

РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ

Извор: ТВ21