Ќе има ли нова вонредна состојба? Од одлуката на Пендаровски зависи и датумот за избори

Нов датум за одржување на изборите официјално сѐ уште нема. Но и покрај тоа што партиите ги продолжуваат меѓупартиските договарања зад затворени врати, се поголема е веројатноста да се оди на избори во јули.

Дали Владата ќе бара ново продолжување вонредната состојба, ќе се знае по седницата на Советот на безбедност што утре ќе се одржи кај претседателот Стево Пендаровски. Премиерот Оливер Спасовски не потврди, но и не исклучи таква можност. Сепак, останува при ставот дека со датумот за избори не треба да се лицитира.

-Јас не сакам да лицитирам со датуми. Прво тоа не е одговорно затоа што одржувањето на изборите веќе неколку пати напоменав е детерминирано од завршувањето на вонредната состојба. Во моментот кога ќе заврши вонредната состојба, имаме уште 22 дена за спроведување на изборните активности и нормално тоа го определува и датумот на изборите.-рече Оливер Спасовски.

Доколку партиите не успеат да се договорат денес или утре, а претседателот Пендаровски не ја продолжи вонредната состојба, привремено прекинатите изборни дејства ќе продолжат да течат и по сила на тие рокови и уредбата на Владата изборите ќе треба да се одржат на 21-ви јуни.

Професорот Љубомир Фрчкоски смета дека договор помеѓу партиите за избори има и дека тие ќе се одржат во јули. Во емисијата Клик Плус на Тв21 изјави дека токму поради „пеглање“ на датумот за избори, вонредната состојба ќе биде продолжена.  

-Претседателот ќе им понуди ако треба продолжување на вонредната состојба за да го покрие тој датум, и ќе го спакуваат терминот за избори некаде кон средината на јули.-изјави Фрчкоски.

Истото го смета и адвокатот Александар Тортевски.

-Претседателот Стево Пендаровски ја става вонредната состојба во функција на изборите, а тоа е недозволиво-изјави Тортевски.

СДСМ е за брзи избори, односно 21 јуни, 22 дена по завршувањето на вонредната состојба. ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа избори во јуни, коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива го предложија 26 јули. Движењето БЕСА со оглед дека е коалиционен партнер, ја подржува СДСМ, додека ДУИ нема конкретен предлог, а во изминатиот период има улога на посредник помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

.

Извор: ТВ21

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1
spot_img

Најважното