Министерството за финансии најави засилени контроли за електронската трговија и онлајн купувањата. Министерката Нина Ангеловска, рече дека ќе има зголемени контроли за поединци и компании кои не се регистрирани во системот, а кои продаваат одредени производи на интернет. Освен ова, Ангеловска додава дека ќе се изработи и конкретен акциски план и платформа каде ќе можат да се пријават нерегистрираните продавачи. Апелира, граѓаните да бидат внимателни што и од каде купуваат на социјалните мрежи.
Од Финансиска полиција велат дека имаат одредени сознанија колку вакви компании постојат, но дека сега за сега не можат да откриваат повеќе информации.
Од УЈП, информираат дека бројот на пријавите од страна на граѓаните за компаниите кои не даваат фискална сметка, односно кои не плаќаат ДДВ, е зголемен за 100% во споредба со минатата година. Инаку, Царинска управа доби грант од Кореја, со цел подигање на свеста за развојот на е-трговијата. Наскоро се очекува скенер во поштите со цел, сите пратки на влезот да не зависат само од рачната контрола на одредени поединци.