Кризна состојба за прв пат на цела територија на земјата ќе биде прогласена вечерва на владна седница која е закажана од 21 часот. Ова е предлогот на Советот за национална безбедност, свикан од страна на претседателот на државата.
„Но откако ќе биде прогласена кризната состојба, тогаш законот за одбрана и законот за управување со кризи, посебно даваат многу пошироки можности за поддршка на надлежните институции, пред се здравствените од страна на армијата“, изјави Стево Пендаровски – претседател на РСМ.
Со ваквата одлука, кризниот штаб се заменува со управувачки комитет во кој пак ќе учествуваат министрите за внатрешни, одбрана, комисиите за безбедност при Собранието и опозицијата.
Премиерот Заев нагласи дека воведувањето кризна состојба нема врска со полицискиот час кој е можен доколку има потреба. Полицискиот час, кој пролетта за време на вонредната состојба, владата неколкупати го воведуваше, може да го донесе самата Влада, по предлог на Комисија за заразни болести.
„Не постои поважна работа за Владата од здравствениот аспект на кризата. Не се гледа дека ќе даде дополнителни ефекти полицискиот час или локдаун па затоа не се предлага. Сега се знае многу повеќе отколку во февруари или март кога почна кризата за ефектите, како се пренесува итн“, изјави Зоран Заев – премиер на РСМ.
Министерот Филипче појасни дека во целата зграда на интерните клиники ќе се лекуваат ковид пациенти, поради тоа што во овие установи се лекарите интернисти, специјалисти, лекарите пулмолози и другите интернисти кои имаат искуство во лекување на пациентите со коронавирус.
„Не очекува еден критичен период во којшто ќе има потреба од болнички капацитети. Тоа се случува насекаде во регионот. Ги гледаме и пратиме ситуациите во сите соседни земји – огромен пораст и покрај тоа што некои земји имаат дури и порестриктивни мерки на сила од нашите. Исто така, за жал пораст и на смртни случаи. Во таква една ситуација, целосно е мобилизиран целокупниот кадар во јавно-здравствените установи“, изјави Венко Филипче – министер за здравство.
Според Законот за управување со кризи, кризната состојба ја донесува Владата која го определува и подрачјето кое ќе го опфати. Но, одлуката на Владата, не може да трае подолго од 30 дена, па ако продолжи потребата повеќе од тој период, Владата треба да побара одобрување од Собранието.
.
