Ќе се урива некогашната куќа на Ал Капоне – сопственикот вели „Оваа куќа е ѓубре“

Најверојатно ќе се сруши куќата на југот од американската сојузна држава Флорида, која што речиси 20 години му припаѓаше на познатиот гангстер Ал Капоне.

„Мајами хералд“ пишува дека новите сопственици на куќата планираат да ја срушат.

Инаку, куќата се наоѓа во во градот Мајами Бич, а сопствениците ја купиле летово за 10,75 милиони долари.

Еден од сопствениците, Тод Глејзер, изјави дека куќата, која се наоѓа на околу еден метар под морското ниво, била оштетена од поплави и подземни води.

Тие сакаат да изградат нова двокатна куќа, со осум соби, осум бањи, џакузи, спа-просторија и сауна.

„Оваа куќа е обично ѓубре. Срамно е тоа за Мајами Бич“, додаде Глејзер.

Ал Капоне ја купи куќата во 1928. за тогашни 40.000 долари и често престојуваше таму, каде што и почина во 1947 година. Трите внуки на Капоне планираат да продадат и 174 предмети од својот дедо, на аукција на 8 октомври, во аукциската куќа „Витерелс“ во Сакраменто.