Еден од најчувствителните услови е делот во кој се бара да не се споменува дека постои македонски јазик, да нема македонско малцинство во Бугарија, да нема бугарска фашистичка окупација, а Гоце Делчев да биде Бугарин. Ќе стане ли Бугарија нова Грција во блокирањето на евроинтеграциските процеси. Премиерот Зоран Заев вели се надева дека нема, туку дека Софија ќе не поддржи за отворање на преговорите. Македонскиот јазик е впишан во Обединетите нации и тој е признаен од секого и тоа е нашиот идентитет, нагласи Заев.
„Идентитетот не е прашање на кое се преговара во 21 век, современа европска Бугарија верувам дека тоа го разбира. Верувам дека низ решавањето и имплементацијата на Договорот со Република Бугарија ќе ги изнајдеме решенијата и на овие прашања затоа што идентитетот е чувство. Тие тоа го признаваат, јас му се поклонувам на премиерот Борисов кој е европски политичар и кој што не само во Софија на нашите прес конференции, туку и овде во „Монопол“ спомна македонски народ заради тоа што навистина 21 век не ги овозможува перцепциите на ограничување на идентитетските прашања.“, рече Заев.
Претседавачот на Мешовитата експертска Комисија Драган Ѓоргиев рече дека преговорите во Комисијата ќе продолжат без разлика на она што се случува во политиката. Рече дека покрај прашањето за Гоце Делчев сепак се отвориле и прашањата кои деновиве се заговараат од Бугарија.
„Ние разговараме за тоа веќе три состаноци ќе продолжиме и понатаму а штом разговараме јас верувам дека ќе има простор да се најде решение со добра волја од двете страни. Таму имаме неколку текстови кои ги усогласуваме. Пречка настана повеќе околу некои формулации кои ја тангираат повеќе современоста отколку минатото.“, вели Ѓоргиев.
Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски на својот фејсбук профил ги коментираше најновите услови кои ги постави Бугарија. Според него, новиот ултиматум значи укинување на Договорот за добрососедство.
„Најновиот ултиматум од бугарската Влада го доживувам како суспендирање на Декларацијата за пријателство од 1999 година и Договорот за добрососедство од 2017 година“, напиша Георгиевски.
Се огласија и група бугарски интелектуалци кои започнаа петиција против бугарската декларација оценувајќи ја како неприфатлива, а сметаат дека Софија промовира потценувачки однос. „Го изразуваме нашето разочарување и длабока загриженост од рамковната позиција на бугарската влада. Таа содржи голем број на загрижувачки и проблематични барања. Денешна Бугарија и денешна Северна Македонија се рамноправни наследници на вековната култура и цивилизација. Затоа ние го осудуваме поимот кражба на историјата кој често пати се користи од некои националисти од обете страни“, се наведува во реакцијата на бугарските интелектуалци.