Независниот кандидат за американски претседател Роберт Кенеди Џуниор изјави дека ќе ги помилува основачот на Викиликс Џулијан Асанж и свиркачот Едвард Сноуден доколку стане претседател на САД.
„Ќе ги помилувам Асанж и Сноуден на првиот ден. Ќе изградам статуа на Асанж некаде во близина на прес-клубот во Вашингтон и статуа на Сноуден пред седиштето на ЦИА во Ленгли“, изјави Кенеди на социјалната мрежа Х.
Тој додаде дека ЦИА и администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден тврдат дека Асанж бил „во дружење“ со поранешната американска воена разузнавачка аналитичарка Челзи Менинг кога таа украла строго доверливи информации.
„Целиот нивен случај се заснова на тоа, но никогаш не е докажано и Челзи Менинг постојано тврдеше дека тоа е лага и дека никогаш не морала ништо да хакира“, истакна американскиот политичар.
Тој нагласи дека „во основа, Челзи Менинг е таа што го сторила кривичното дело споделување државни тајни и поради тоа поминала седум години во затвор“.
„Меѓутоа, на издавачот на кого таа му ги пренесе информациите му се суди за екстрадиција во Соединетите држави каде би се соочил со затворска казна до 175 години. Звучи фер… нели“, напиша Кенеди.