„Керинг“ го забранува крзното

„Керинг“ кој е сопственик на најпознатите брендови „Гучи“, „Ив Сан Лоран“, „Александар Меквин“ и „Баленсијага“ најави дека ќе го забрани крзното.

Овој луксузен моден конгломерат објави дека ќе ја исфрли употребата на вистинско крзно од животни во сите свои компании до есен 2022 година.

„Дојде време. Светот се промени, заедно со нашите клиенти, па луксузот мора да се прилагоди на тоа. Кога станува збор за благосостојбата на животните, нашата група секогаш покажува подготвеност да ги подобри практиките во синџирот на снабдување и во луксузниот сектор воопшто“, истакна Франсоа-Анри Пино, извршен директор на „Керинг“.

Инаку, уште во 2017 година бредот се обврза да го исфрли крзното од производство, нагласувајќи општествена одговорност како една од основните вредности на брендот, додека пак годинава на 10 март активисти на ПЕТА протестираа пред продавницата на Ив Сан Лоран“ во Париз со цел тие да прекинат со употребата на крзно.