Кина го одложи објавувањето на извештајот за БДП за третиот квартал, без да даде објаснување, откако шефот на државната агенција за економско планирање рече дека економијата значително закрепнала, но и ги призна „тешкотиите и предизвиците“ оваа година.
Извештајот требаше да биде објавен денеска, но на веб-страницата на заводот за статистика, огласот е придружен со известувањето „одложено“.
Не се знае кога ќе биде објавен
Пекинг не ја наведе причината за неочекуваното одложување, кое уследи по соопштението на царинската управа кон крајот на минатата недела дека го одложува трговскиот извештај. Неименуван функционер во заводот за статистика не можел да одговори на прашањето кога ќе биде објавен извештајот за БДП во третиот квартал, јави агенцијата ДПА.
Податоците се очекува да покажат пораст на активноста во третиот квартал за 3,4 отсто во однос на истиот период лани, по речиси стагнација во периодот од април до јуни, забележува германската новинска агенција.
Економијата значително закрепна во третиот квартал, покажувајќи поголема отпорност на пандемијата и екстремните временски услови, изјави за медиумите Жао Ченксин, шеф на Агенцијата за економско планирање, на вчерашниот конгрес на Комунистичката партија.
„Тешкотии, предизвици и неочекувани шокови“
Во разговор со новинарите на конгресот на Комунистичката партија, Ченксин сепак ги призна „тешкотиите и предизвиците“ и „неочекуваните шокови“ оваа година.
Поради пандемијата на коронавирус, екстремните временски услови и други неочекувани фактори, економијата бележи одредени флуктуации, но сега закрепнува и покажува поголема отпорност, рече првиот човек на комисијата што подготвува петгодишни економски планови.
Растот во текот на годината веројатно ќе биде помал од планираните 5,5 проценти, шпекулира ДПА, поради политиката на нулта толеранција кон Ковид, која вклучува заклучување и масовно тестирање на граѓаните.
Светската банка очекува кинеската економија да порасне само 2,8 отсто оваа година, најслаб во последните четири децении, без 2020 година, првата година од пандемијата. Меѓународниот монетарен фонд процени раст од 3,2 отсто.