Скрининг-програмата за рано откривање на ракот на дојка ќе биде целосно преиспитана, најави министерот за здравство Сашо Клековски, посочувајќи дека сегашниот модел не ги дал очекуваните резултати.
Клековски, кој присуствуваше на „Розовиот пикник појадок“ во Градски парк, информираше дека во Македонија годишно се регистрираат околу 1.000 нови случаи на рак на дојка, додека околу 7.000 пациентки во моментов се лекуваат или претходно се лекувале од болеста.
„Мораме комплетно да го премислиме концептот и се надевам дека многу бргу, заедно со ХЕМА-ОНКО, ќе промовираме нов концепт за скрининг-програмата“, рече Клековски.
Според министерот, потребно е поголемо внимание да се посвети на превенцијата и раното откривање, бидејќи навременото дијагностицирање е клучно за успешно лекување.
Клековски информираше и дека два лека за рак на дојка се ставени на позитивната листа. Со тоа, пациентките кои се на хронична терапија ќе можат да ги подигнуваат лековите во аптека, наместо да одат во Клиниката за онкологија.
Тој оцени дека снабдувањето со терапија во моментов е стабилно, но Министерството разгледува дополнителни мерки со цел да се намали можноста за прекини во испораката.
Од ХЕМА-ОНКО посочија дека Македонија сè уште нема целосно функционална скрининг-програма за рак на дојка, а повторно ја нагласија важноста од редовни самопрегледи и навремено обраќање кај лекар.
Ана Марјановиќ од здружението посочи дека кај жените кај кои ракот на дојка е откриен во рана фаза, шансите за успешно лекување се исклучително високи.
Во текот на годинава е воведен и тумор-борд за пациентките со рак на дојка. Одлуките за третманот ги носи мултидисциплинарен тим составен од онколози, торакални хирурзи, радиолози и патолози.