Бројот на здравствени контакти поврзани со епидемијата во Гостивар достигна 3.100, но според надлежните, има први показатели за намалување на новите контакти. Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека 19 јули бил првиот ден со намален број на нови јавувања.
„Во моментов има 3.100 здравствени контакти, тука се вклучени и телефонски јавувања и интервенции на Брза помош. Вчера имаме вкупно 564 први здравствени контакти“, изјави Клековски на прес-конференција.
Тој посочи дека состојбата се следи континуирано, а во моментов има едно дете и тројца возрасни пациенти кои се хоспитализирани.
Според министерот, клиничката слика кај заболените останува непроменета. Најчести се стомачните проблеми, додека поретко се појавуваат треска и покачена температура.
„Се вршат неопходни истражувања. Во ниту еден момент немало криење на информации од Министерството за здравство“, нагласи Клековски.
Надлежните институции продолжуваат со следење на состојбата и со преземање мерки за справување со епидемијата во гостиварскиот регион.