Клековски за 4ТВ: Дигитализацијата е клучна за поефикасно здравство!

Директорот на Фонд за здравствено осигурување на Македонија, Сашо Клековски, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ истакна дека дигитализацијата претставува иднината на здравствениот систем, додека административните трошоци на фондот бележат намалување.

Клековски појасни дека средствата со кои располага фондот се распределуваат за широк спектар на услуги – од примарна, секундарна и терцијарна здравствена заштита, до лекови од позитивната листа, ортопедски помагала, бањско лекување, лекување во странство, како и надоместоци за боледување, вклучително и породилни и долготрајни отсуства.

Тој нагласи дека само мал дел од буџетот се користи за функционирање на самата институција. Во моментов, фондот има околу 740 вработени, што е значително помалку во споредба со претходните години. Дополнително, трошоците за администрација се намалени од над 2 проценти во минатото на околу 1,6 проценти од вкупниот буџет, а во одреден период паднале и на 1,3 проценти, што довело до одлив на кадар поради ниски плати.

„Контролата е една од клучните функции на фондот, каде што се ангажирани стручни лица од медицинските науки“, истакна Клековски.

Говорејќи за идните приоритети, тој посочи дека нови вработувања нема да бидат главниот фокус, туку зголемување на ефикасноста преку дигитализација. Според него, веќе се преземаат конкретни чекори во таа насока.

„Веќе започнавме со дигитализација, како на услугите кон граѓаните, така и на внатрешните процеси. Во соработка со Министерството за дигитална трансформација, воведовме први услуги за проверка на здравственото осигурување, кои се достапни 24 часа, седум дена во неделата“, рече Клековски.

Тој додаде дека во иднина продуктивноста, не само во фондот, туку и во здравствените установи, ќе зависи токму од унапредувањето на дигиталните процеси, со цел подобра и побрза услуга за граѓаните.