„Клик Плус“ – Кој е курсот на Македонија? Нелоски: За 9 месеци технички премиер и нова Влада

Северна Македонија во октомври ќе добие датум за старт на преговорите со Европската унија. Власта е убедена дека тоа ќе се случи, а како што вели заменик министерот за надворешни работи, посилна порака од писмото на првите луѓе на европскиот парламент, комисијата и советот, нема.

-Веќе беше објавена веста дека е пратено писмо од претседателот на Европскиот совет, претседателот на Европскиот парламент, претседателот на Европската комисија, до земјите членки на ЕУ, каде што се кажува дека Република Северна Македонија е подготвена и треба да ги започне пристапните преговори. Не гледам што појако и посилно во овој момент може да се случи-рече Жерновски.

Но, членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Нелоски вели дека и да добиеме датум за старт на преговори, тоа ќе биде условено и нема да биде „златен билет“. Воедно Нелоски е убеден дека наскоро ќе биде назначен технички премиер и државата ќе добие нова влада.

-Најкасно за девет месеци ќе имаме технички премиер, а подоцна и избори каде што ќе дојде влада со луѓе кои што ќе можат посветат на реформскиот процес на институциите се со цел да можеме да влеземе во ЕУ-изјави Нелоски.

Сепак, Петар Богоевски, од реформското крило на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен заменик генерален секретар на партијата, кој во октомври минатата година беше разрешен бидејќи повикуваше да се гласа на референдумот за уставните измени, не се согласува со Нелоски. Вели дека со советниците за „Обнова на Македонија“ кои ги промовираше Мицкоски, партијата нема да направи ништо.

-Сакаш да кажеш дека Игор Дурловски нема ништо со ВМРО-ДПМНЕ, и Сашко Кедев на пример.

-Да, испукани куршуми да. И, тоа поврзување од времето, некоја си чидна симбиоза меѓу Преродбата на Груевски и Заедничка Македонија, она што резултираше со 27 април-изјави Богоевски.  

Иако, по многу прашања соговорниците во синоќешниот дебатен магазин „Клик Плус“ не се согласуваа, сепак со едно да, а тоа е дека конечно државата треба да стане дел од европското семејство.

Извор: ТВ21