Климатски промени: На Гренланд „масовно“ се топи мразот

Во средата Гренланд изгубил големо количество на мраз, што се стопил поради високите температури предизвикани од климатските промени.

Според научниците стопениот мраз е доволен за да ја покрие американската сојузна држава Флорида со 5,1 сантиметри.

Ова е трета најголема загуба на мраз на Гренланд во еден ден од 1950 година, а другите два рекорда се случиле во 2012 и во 2019 година.

Брзото топење е последица на топлиот воздух, заробен над арктичкиот остров, што го смени моделот на атмосферска циркулација. Тоа може да доведе до уште поголемо топење на мразот.

„Само во средата (28 јули), околу 22 гигатони мраз се стопија, од кои 12 гигатони се влејаа во океанот, а 10 гигатони беа апсорбирани од снежната покривка, што може повторно да ја замрзне водата“, изјави климатолог на Универзитетот во Лиеж во Белгија, Хавиер Фетвајс.

Во средата пак, температурите на воздухот во Гренланд биле алармантни, при што во Констабл Пинт, источниот дел на островот, достигнале дури 23,2 степени Целзиусови.

„Поларен портал“ – Данска група истражувачки институции на Арктикот, на Твитер го опиша овој феномен на Гренланд како „настан за масовно топење“, и иако волуменот на топење е помал отколку во 2019 година, погодената област е поголема.

Научниците проценуваат дека топењето на ледената покривка на Гренланд, втората по големина на Земјата после Антарктикот, предизвикува зголемување на глобално ниво на морињата за околу 25 проценти во изминатите децении.