Свет

Климатските експерти се загрижени: „Ќе видиме временски феномени што модерната историја не ги памети“

Климатските експерти се загрижени: „Ќе видиме временски феномени што модерната историја не ги памети“

Метеоролозите предупредуваат дека светот би можел да се соочи со нов температурен рекорд веќе во 2027 година, а една од главните причини би можел да биде развојот на силниот климатски феномен познат како „Супер Ел Нињо“, кој уште ова лето може да донесе поизразени горештини во повеќе делови од светот.

Според податоците на Светска метеоролошка организација, од средината на оваа година би можел да започне развој на Ел Нињо – климатски феномен што влијае врз температурите и врнежите на глобално ниво. Климатологот Даниел Свејн од Калифорнискиот институт за водни ресурси смета дека 2026 и 2027 година би можеле да донесат рекордни глобални температури.

Метеорологот и климатски експерт Џеф Берардели за американската телевизија WFLA-TV изјави дека „би можеле да сведочиме на временски појави какви модерната историја сè уште нема забележано“.

Станува збор за особено силна форма на Ел Нињо, позната како „супер Ел Нињо“, при која доаѓа до невообичаено силно затоплување на морските води во Тихиот Океан. Последиците од ваквото нарушување можат да бидат екстремни горештини, суши, обилни дождови и поплави во различни делови од светот. Во Германија, на пример, почвата веќе е сериозно исушена.

Ел Нињо е климатски и временски феномен во Тихиот Океан при кој површинските води во централниот и источниот дел на тропскиот Пацифик се загреваат повеќе од вообичаено. Тоа предизвикува промени во воздушните струења и ветровите, што може да резултира со суши, обилни врнежи или поблаги зими во одредени региони. Феноменот се јавува нередовно, најчесто на секои три до осум години, и може да трае од неколку месеци до повеќе од една година.

Според WMO, последниот Ел Нињо бил регистриран во текот на 2023 и 2024 година, а германскиот медиум ZDF heute наведува дека токму тој придонел 2024 година да стане најтоплата година од почетокот на мерењата.

Климатскиот научник Карло Буонтемпо предупредува дека 2026 година би можела да постави нов температурен рекорд, додека климатологот Тидо Семлер смета дека уште поекстремни последици би можеле да се почувствуваат во 2027 година.

„На атмосферата на Земјата ѝ е потребно време да реагира на Ел Нињо“, објаснува Семлер, додавајќи дека постои зголемен ризик 2027 година да стане година на рекордни горештини доколку феноменот се развие во втората половина на 2026 година.

Експертите предупредуваат и на зголемена опасност од шумски пожари. Теодор Кипинг од Империјал колеџ во Лондон истакнува дека Ел Нињо ја зголемува веројатноста за екстремни горештини и суши во Австралија, Канада, САД и амазонската прашума.

Според него, доколку се развие силен „супер Ел Нињо“, ризикот од катастрофални пожари би можел да достигне највисоко ниво во поновата историја.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни