Клучна недела за „Рекет“ – Исказ на главните „актери“ и покренување на обвинение

Истекоа 15-те дена кога осомничените во „Рекет“ можеа да вршат увид во доказите. Доказите се собрани, завршена е форензиката на одземените предмети, Рускоска се подготвува да покрене обвинение. Утре Јовановски ќе даде исказ за она што го видел како докази против него. За екс-специјалната јавна обивнителка нема информации кога ќе го направи тоа.

Професорот на Правниот факултет во Скопје, Гордан Калајџиев вели дека расчистувањето на случајот „Рекет“ ќе ја собори владата, но додава дека меѓународната заедница не го дозволува тоа.

„Мислам дека сериозните истраги во „Рекет“ се закочени од страв да не падне конкретната власт, бидејќи во моментов во Македонија мислам дека нема подготвеност за нови избори, ниту пак техничка влада. Мислам дека безбедносната ситуација која е интерес на меѓународната заедница ги кочи и не дозволува да се расчисти „Рекет“-рече Калајџиев.

Од извори во истрагата дознаваме дека за „Рекет“ има доволно докази за покренување на обвинение. Меѓу доказите се и извештаите од форензиката на одземените телефони и компјутери. Искази на Орце Камчев, неговата жена, сведоштвото на продавачката од „Пјер Кардер“ од каде Јовановски во кеш купувал луксузни парчиња облека. Меѓу доказите се и фискални сметки за купување во кеш, бидејќи на Јовановски му е блокирана трансакционата сметка.

Дали Јанева и Јовановски ќе молчат и понатаму или пак ќе направат спогодба со обвинителството и ќе кажат кој сè е вмешан ќе се знае во текот на оваа недела. Иако адвокатот Дукоски вели дека засега не размислуваат за спогодба.

„Не сме размислувале во тој правец. За спогодба како што знаете во оваа фаза прво треба двајца. Прво воопшто не сме размислувале ниту јас ниту осомничениот, а од друга страна како што реков треба двајца“, изјави Дуковски.

Доколку Јанева признае вина во оваа фаза и се спогоди со предлог-спогодба, а Обвинителството и судот тоа го прифатат, ќе добие пониска казна, но ќе треба да ја надомести и направената штета. Јанева има право да побара таква предлог-спогодба и тоа е предвидено во Законот за кривичната постапка. Тоа е единствената шанса во оваа фаза да добие пониска кзна. Законскиот минумум за делото кое ѝ се става на товар е најмалку три години затвор.

Во притвор остануваат Бојан Јовановски и Катица Јанева, откако Апелација неколку пати досега ги одби нивните барање за поблага мерка. Од куќен притвор се брани само второосомничениот Зоран Милевски – Кичеец.

Извор: ТВ21