Јапонската и американската влада преговараат за средба меѓу јапонскиот премиер Фумио Кишида и американскиот претседател Џо Бајден во Вашингтон на 13 јануари. Ова го објави весникот Јомиури, повикувајќи се на свои извори.
На состанокот Кишида се очекува да зборува за ажурираната стратегија за национална безбедност усвоена во декември и плановите за зголемување на трошоците за одбрана до 2027 година на 2 отсто од БДП по линијата на НАТО. Според јапонската страна, тоа ќе помогне за продлабочување на билатералната алијанса.
Во првата половина на јануари Кишида има намера да ги посети Велика Британија, Франција и Италија. За време на овие посети, јапонскиот премиер планира да разговара и за билатерални прашања и за соработка во рамките на Г7, со кој ќе претседава во 2023 година.