Министерот за образование Арбр Адеми вети дека лично тој ќе излезе во понеделник на терен во инспекција на објектот кој е одреден за децата од Идризово да види дали ги исполнува условите за настава. На ниту едно дете нема да му се погази правото да учи на својот мајчин јазик, ова го повтори и денеска министерот Адеми. Меѓутоа иако помина повеќе од еден месец од почетокот на учебната година, децата од село Идризово се уште не седнаа во училишните клупи.
Такво нешто се очекува во понеделник во импровизираното училиште, објект за кој се договорија на вчерашната средба родителите и градоначалникот на Гази Баба. Во врска со тоа дали е вистина дека во училиштето нема место за нова паралелка, Адеми не одговори јасно, туку рече дека тоа е очигледно.
„Добро е да бидеме коректни и точни во изјавите, дури и во изјавите од одговорните лица на институциите. Тоа дали има или нема простор, лесно може да утврди од страна на медиумите и од сите нас, но повторуваме уште еднаш, не сакаме за прашање од образованието да создаваме политички тензии. Не е во духот на овој денешен настан и нашите секојдневни активности. Родителите заедно со градоначалникот да најдат решение кое ќе биде прифатливо за сите и да започне процесот без никакви пречки“, рече Адеми.
Родителите добија ветување од градоначалникот дека многу брзо ќе се уреди објектот за да се обезбедат услови за настава за децата од Идризово, откако градоначалникот на вчерашната средба им рече дека нема место во училиштето Његош за овие деца.
„Од понеделник се надеваме дека учениците ќе започнат со настава. За наоѓањето кадар обврска презема градоначалникот кој треба да најде решение заедно со министерот за образование.“, рече еден родител.
Објектот за кој се договорија родителите и градоначалникот, е објектот каде се сретнаа градоначалникот, пратеникот Мухамед Зекири, Артан Груби и министерот за образование Арбр Адеми. Пред 4 дена Владата донесе одлука за изградба на основно училиште во Идризово. 12 ученици се уште не седнаа во училишните клупи бидејќи основното училиште Његош не дозволи отворање албанска паралелка од 6 до 9 одделение. Пред 3 недели родителите на децата Македонци протестираа против тоа децата Албанци од околните села да учат во училиштето Његош велејќи дека стравуваат од конфликти меѓу учениците.
