Македонија

Кои се новите министри? Култура за 2 години тројца министри, последниот е лекар

За две години владеење, тројца министри за култура. Новоименуваниот Хисни Исмаили денеска за прв пат седна на министерската фотелја. Тој доаѓа од медицината, а денес е професор на Тетовскиот Универзитет, а вели дека има искуство од областа на културата.

„Сум учествувал во редактирање и издавање книги во разни издавачки куќи, во радио и видео програми, разни документарци, културни здруженија итн“, изјави Хисни Исамили – нов министер за култура.

Досегашниот министер Асаф Адеми се повлече од функцијата од здравствени причини. Во текот на предавањето на функцијата му рече на новиот министер дека Министерството му го остава во добра финансиска состојба.

„Кога јас ја презедов должноста, првите зборови беа – нема пари. Сега му велам на министерот дека буџетот е консолидиран и како што е предвидено, од долг од 20 милиони евра ние предвидовме да се израмниме на нула до крај на годината“, изјави Асаф Адеми – екс министер за култура.

Примопредавање имаше и во  Министерството за животна средина и просторно планирање. Садула Дураку му ја предаде функцијата на Насер Нуредини кој има богата кариера како раководител и советник во неколку субјекти во Лондон и Виена.

Дураку го презема министерството за Политички систем и односи меѓу заедниците, кое пред неколку месеци беше Секретаријат за спроведување на Рамковниот договор.

На чело на министерството за локална самоуправа сега ќе биде Горан Милевски. Тој доаѓа на местото на Сухејл Фазлиу кој веќе нема да има функција во Владата бидејќи неговата партија НДП ја напушти владината коалиција.

Горан Милевски пред да го добие министерското место, беше пратеник, дел од мнозинството, а воедно е и лидер на Либерал демократската партија.

Нов министер за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе биде Трајан Димковски, земјоделски инженер. Во 2017 беше избран за шеф на кабинетот на министерот Љупчо Николовски, кој ја напушти извршната власт за да биде именуван за  Генерален секретар на СДСМ.

РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни