Македонија

Кој профитира од драстичниот скок на горивата? Ристов го лоцира виновникот за високите цени

Кој профитира од драстичниот скок на горивата? Ристов го лоцира виновникот за високите цени

Главната причина за драстичниот скок на цените на дериватите не е недостигот на сурова нафта, туку сериозно намалените капацитети за преработка и манипулациите на светските рафинерии. Ова го истакна претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, објаснувајќи ги факторите кои ги доведоа цените на горивата до историски високи нивоа.

Ристов потенцираше дека РКЕ ги одредува малопродажните цени на неделно ниво според точно утврдена методологија и формула која е јавно достапна, но дека влезните параметри зависат исклучиво од движењата на светските берзи.

„На берзите се случи енормен скок што никој не можеше да го предвиди. Цените на дериватите од почетокот на воените конфликти се речиси удвоени — од 650 до 700 долари за тон во март, достигнаа и до 1.500 долари за тон. Сепак, денес имаме специфичен апсурд: сурова нафта на светскиот пазар има во изобилие и таа е евтина, но проблемот е во преработката“, објасни Ристов.

Уништени рафинерии и манипулација со маржите за преработка

Според претседателот на РКЕ, воените дејствија на Блискиот Исток уништија околу 30% од рафинериските постројки во тој регион, а сериозни оштетувања претрпеа и капацитетите во Украина и Русија, кои беа клучни производители на деривати, посебно на дизел.

Ристов посочува дека останатите рафинерии во светот вешто ја искористија оваа ситуација за драстично зголемување на профитните маржи, бидејќи изградбата на нова рафинерија бара најмалку пет до шест години.

„Ова е директна манипулација со цените од страна на рафинериите. Ако претходно преработката чинеше од 30 до 40 долари по тон, сега таа услуга се наплаќа од 400 до 500 долари за тон. Играта околу цените во моментов ја играат преработувачките компании. Европа и САД мора да седнат и глобално да го регулираат овој пазар за да ги принудат компаниите да ги намалат маржите“, додаде тој.

Зошто дизелот за првпат стана поскап од бензинот?

Објаснувајќи го феноменот во кој цената на дизелот ја надмина цената на бензинот — што е историски преседан на пазарот — Ристов укажа на факторот побарувачка и намената на ова гориво.

„Дизелот е апсолутно доминантен и учествува со дури 85 проценти во вкупната потрошувачка на сите нафтени деривати. Тој е примарен за целиот транспортен сектор, но и за воените потреби во сите конфликтни зони. Поради енормната побарувачка и намалената понуда од рафинериите, дизелот го зазеде првото место по цена, што досега никогаш се нема случено во енергетиката“, заклучи првиот човек на РКЕ.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ацо Ристов, претседател на РКЕ 01.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни