Свет

Колку чинат пензиите во Германија: Највисоки на Запад, во просек околу 1.600 евра

Колку чинат пензиите во Германија: Највисоки на Запад, во просек околу 1.600 евра

Мажите од западните покраини на Германија, Северна Рајна-Вестфалија и Сар, добиваат највисоки пензии во Германија. Ова го покажува пензискиот атлас на Германското пензиско осигурување, пренесува dpa.

Просечната старосна пензија на мажите со најмалку 35 години стаж во Северна Рајна-Вестфалија лани била околу 1.923 евра бруто. Во Сар беше околу 1.920 евра, што е за повеќе од 100 евра над националниот просек, пишува dpa.

На ниво на цела Германија, се наведува во текстот, просечната пензија за мажи со најмалку 35 години стаж била 1.809 евра бруто, а за жени 1.394 евра, односно вкупен просек од 1.623 евра.

Сар и Северна Рајна Вестфалија предничат дури и кога се земаат предвид женските пензии, со просечни 1.741 и 1.708 евра, пренесува германската агенција.

Причината за релативно високите пензии во овие провинции, според извештајот што го пренесува dpa, лежи во претходно добро платените работни места во рударската индустрија. Високите плати од тој период сега се одразуваат на пензиите.

На дното на листата се источногерманските покраини – Саксонија со просечни 1.529 евра, Мекленбург-Западна Померанија со 1.527 евра, Саксонија-Анхалт со 1.515 евра и Тирингија со 1.509 евра, се наведува.

И покрај значителното зголемување на бројот на исплатени пензии, стапката на придонеси за пензиско осигурување денес е пониска отколку на крајот на минатиот век, се вели во извештајот. Во 1997 година изнесуваше 20,3 отсто, додека денес е 18,6 отсто.

Демографските промени во изминатите години беа надминати без зголемување на стапката на придонеси.

Причината за тоа, меѓу другото, лежи во значителното зголемување на вработеноста на жените и старите лица, како и на миграцијата. Германското пензиско осигурување лани исплатило вкупно 25,9 милиони пензии.

Околу 6,6 отсто од тие пензии отишле во странство, што изнесува приближно 1,7 милиони исплати.

Околу 86 отсто од сите пензии исплатени во странство добиваат државјани на други земји кои со стекнување права преку плаќање придонеси ги исполниле своите пензиски услови.

Најголема група меѓу нив се Италијанците – околу 349.000 од нив добиваат пензија од германското пензиско осигурување, беше заклучено.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни