Утре со почеток во 11 часот во просториите на Македонски народен театар во Скопје ќе се одржи комеморативен собир во чест на актерот Кирил Поп Христов – Кили. На настанот најблиските, колегите и почитувачите на театарската уметност ќе имаат можност достоинствено да се простат од него и да му оддадат последна почит.
Од театарот посочуваат дека Поп Христов зад себе остава значајно уметничко наследство, обележано со силна сценска енергија, препознатлив актерски израз и посебна топлина која ја носеше во секоја своја улога. Неговата непосредност, духовитост и човечност, велат од МНТ, го направија не само впечатлив уметник, туку и ценет колега кој со голема посветеност ја споделуваше љубовта кон театарот.
Кирил Поп Христов – Кили почина на 11 март во Еквадор на 58-годишна возраст. Роден е на 30 јули 1967 година во Скопје, а дипломирал актерска игра на Факултет за драмски уметности – Скопје при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, во класата на професорот Љубиша Георгиевски во 1989 година.
Својот професионален пат најмногу го врзува за сцената на Македонски народен театар, каде работел од 1993 до 2014 година. По неколкугодишна пауза, во 2018 година повторно се враќа на истата сцена. Со својот талент, харизма и сценско присуство, Поп Христов остави длабока и трајна трага во македонската театарска и филмска уметност.
