Претседателот на Работната група за помирување, Зеќир Рамчиловиќ, истакна дека освен за настаните од 27 април, работната група за помирување ќе биде во постојано заседание и ќе идентификува и други извори на конфликти кои произведуваат политички кризи, поделби и недоверба. Тука како што вели вклучени се навивачките групи, консензуалноста во развојните владини политики, ЛГБТ, монтирани политички процеси, реформски закони, говор на омраза, скандалот со прислушуваните материјали, соработка меѓу локалната и централната власт. Тој воедно порача дека до крајот на декември ќе има законско решение за процесот на национално помирување.
„Произлегоа многу добри предлози кои сите во пратеничките групи ќе ги продискутираат. Она што е важно ги прецизиравме насоките кон кои ќе се движиме бидејќи е важна оваа политичка одлука. Сите сме за донесување на законско решение со кое ќе започне релаксација на односите во општеството без да се нарушат принципите на владеење на правото“, изјави Зеќир Рамчиловиќ, претседател на работната група за помирување.
