Вкупно 405 автобуси и други возила со кои се врши јавен превоз на патници биле контролирани во засилената сообраќајна акција што вчера ја спроведе Министерството за внатрешни работи на територијата на целата држава.
Контролите ги спровел Секторот за сообраќајни работи во периодот од 08:00 до 13:00 часот, при што кај 92 возила биле констатирани неправилности.
Од вкупно контролираните возила, 170 биле упатени на технички преглед, а 34 биле исклучени од сообраќај поради утврдени неисправности.
Во рамки на акцијата биле преземени соодветни мерки за сите констатирани прекршоци согласно законските прописи. Поднесени се и три кривични пријави согласно член 297-а од Кривичниот законик, додека едно возило е одземено согласно член 300-б.
Покрај утврдените неправилности, полициските службеници констатирале и 239 прекршоци од друг вид.
Од МВР најавуваат дека и во наредниот период ќе продолжат со засилени сообраќајни контроли, со цел зголемување на безбедноста и сигурноста на патниците во јавниот превоз.