Крајот на летниот одмор за српско семејство се претворил во вистински кошмар на граничниот премин Евзони, при излез од Грција, каде едно лице добило парична казна од 1.200 евра поради недостиг на влезен печат во пасошот.
Според сведочењата на самите патници, на 21 јули 2025 година, тие патувале од Србија кон Грција преку Бугарија, користејќи го граничниот премин Калотина. Сепак, на два од шесте пасоши не бил удрен влезен печат од бугарската гранична полиција – пропуст што предизвикал сериозен проблем при напуштање на ЕУ.
„На граничниот премин Евзони, грчките граничари не’ издвоија и ни кажаа дека во два пасоша нема печат, ниту податок во системот дека тие лица влегле во ЕУ. Објаснивме дека патуваме заедно, и дека еден од пасошите е на малолетно дете, но не наидовме на разбирање“, стои во сведоштвото објавено во групата „Грција Инфо“.
Како резултат, грчките власти му изрекле казна од 1.200 евра на едно полнолетно лице, со предупредување дека во случај на неплаќање следува четиригодишна забрана за влез во земјите од Европската Унија.
Случајот предизвика бурни реакции на социјалните мрежи, каде граѓаните повикуваат на зголемено внимание и внимателна проверка на пасошите при секое влегување во ЕУ, особено при транзит преку повеќе земји.
Совет: Проверете дали имате влезен печат по секое минување на граница – неговото отсуство може скапо да ве чини!
