Косовското Министерство за енергетика соопшти дека засега го откажува планираното затемнување бидејќи може да обезбеди електрична енергија од соседна Албанија. Сепак, не е прецизирано до кога е договорот. Албанија, која се потпира на хидроелектричната енергија, се соочува со голема суша и мора да увезува и електрична енергија.
Претходно вчера Косовското претпријатие за дистрибуција на енергија (КЕДС) почна со прекини во 8 часот по локално време, бидејќи нема доволно локално произведена струја, а цените на увозната струја се многу високи. Потрошувачите требаше да имаат шест часа струја и два часа без.
Косово и Албанија имаат договор да ја делат електричната енергија, при што на Косовците обично им треба повеќе струја во зима за да ги загреат своите домови, а на Албанците во лето за да работат со клима уреди.
Портпаролот на КЕДС Виктор Бујала рече дека компанијата добива само 500 мегават часови од електрани на јаглен и од обновливи извори, додека потрошувачката е до 800 мегават часови. Во соопштението од неделата, компанијата и операторот на електропреносниот систем во земјава (КОСТТ) велат дека не можат да си дозволат да увезуваат електрична енергија и мора да се потпрат на локалното производство.
Околу 90 отсто од производството на електрична енергија на Косово доаѓа од јаглен, а енергетската компанија КЕК соопшти дека затворила речиси половина од своите генератори поради планирано одржување за да ги подготви за зимата. Потрошувачката на електрична енергија се зголемува повеќе од двојно во зима.
Во декември имаше затемнување, кога побарувачката се искачи на рекордно ниво бидејќи температурите паднаа под нулата. На почетокот на овој месец, косовскиот парламент прогласи 60-дневна енергетска вонредна состојба за да и помогне на владата да преземе чекори за справување со кризата, вклучително и прекини на струја.