Претседателката на Косово, Вјоса Османи, изјави дека има „доверливи информации“ дека американскиот претседател Доналд Трамп спречил евентуална ескалација на ситуацијата од Србија кон Косово оваа година.
Османи нагласи дека тоа се случило „неодамна“, односно оваа година, но не даде дополнителни детали. „Не зборуваме за 2023 година“, рече таа, алудирајќи на времето кога се случил вооружениот напад во Бањска кај Звечани.
„Бидејќи веќе се случи, превенцијата е клучна. Не можеме да ја исклучиме можноста, бидејќи веќе се случи“, нагласи Османи за време на предавањето во Вашингтон.
Договорот потпишан за време на првиот мандат на Трамп
Американскиот претседател постојано ја нагласува својата улога како посредник во односите меѓу Косово и Србија како пример за американската улога во спречувањето на конфликти.
Косово и Србија го потпишаа Вашингтонскиот договор за економска нормализација во Белата куќа во присуство на Трамп за време на неговиот прв мандат, во септември 2020 година. Договорот, кој вклучуваше признавање на независноста на Косово од страна на Израел, до денес не е целосно спроведен.
