Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Собранието посочи дека тој е Македонец од раѓање и знае само една работа, а тоа е дека една хартија не може да му го одземе или намали идентитетот, јазикот и историјата.
„Јас, Димитар Ковачевски, сум Македонец од раѓање. Знам една работа. Ниту една хартија не може да ми го одземе или намали мојот идентитет, јазик и историја, кои ме прават Македонец и за кои имам света обврска да ги почитувам и зајакнам. Немам дилема по ниту еден основ и прашања. И знам дека со паметен пристап, со продолжување на европскиот пат, можам да станам само поголем, подостоинствен и рамноправен Македонец, граѓанин на Република Северна Македонија и граѓанин на Европската Унија. Јас цврсто планирам, како и досега да останам да живеам во неа. И да помогнам, и како граѓанин, но и да ја исполнам мојата обврска и одговорност како политичар, државата да биде заедничка, успешна и подобра за сите граѓани“, вели Ковачевски.
Тој додава дека со прифаќањето на европскиот предлог, Преговарачката рамка и заклучоците на Собранието, остануваме на единствениот пат, за кој повеќе од 30 години, никој не понуди алтернатива.
„Многу значајно, почнуваме забрзано да се движиме и да ја менуваме државата, преку процесот на преговори. Во исто време, целосно ја разбирам загриженоста на граѓаните. Токму затоа, сакам да потенцирам дека најважно од се, се обврзуваме дека никој не смее, нема право и нема да преговора за македонскиот јазик, посебниот историски, културен идентитет и засебност, во било кое време и за било која причина. Јасна, цврста и непроменлива обврска. Повторувам, за секого, во било кое време. Точка. На крајот, почитувани граѓани и пратеници, јасно е дека овој процес не завршува денес или утре. Како што не започна денес, туку во 1991-та година со плебисцит на сите граѓани. Ова не е мој личен процес или на една партија. Ова е процес на сите партии, и вчера, и денес и утре. Обврската за заштита на македонскиот историски јазичен и национален идентитет останува и за иднината, кога други ќе го продолжат процесот, до самиот крај. Како што тоа го барате сега од мене, и јас тоа убедено го правам, така и јас и другите ќе го бараме истото од следните генерации политичари“, вели Ковачевски.
Тој додава дека со цврста убеденост, со чиста совест и полно срце, предлага да се прифати предлогот и да се продолжи напред, со заштитено минато, со извесна и стабилна сегашност во конечно подобра иднина.
„Ова го правам, не затоа што морам, не затоа што е лесно, туку затоа што силно верувам во исправноста. Не се согласувам да плачеме на својата судбина, туку да се бориме на вистински начин, за сегашноста и иднината. Сигурни во себе и својот идентитет, без компромиси, секогаш и во сите времиња. И што побрзо, како дел од обединета Европа и дел од мирен и прогресивен регион. Вреди да се избориме и да работиме за тоа, на тој начин. Е затоа ја барам вашата поддршка и поддршката на сите граѓани. Бидејќи државата е заедничка за сите и на сите. Сосема на крајот, дозволете да цитирам: „Пиреј е троскотна трева, а некои ја викаат коштева. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да допре до земјата и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева.“-напиша Петре М. Андреевски. Јасно, силно, вековито. Да живеат граѓаните, да живее Република Северна Македонија!!!“, порача Ковачевски.