Македонија

Ковачевски: Новата 2022 ќе биде година на нови предизвици, но и на нови заеднички успеси

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски упати видео – честитка до граѓаните по повод новогодишните празници.

-Зад нас ја оставаме 2021 година. Година на општествено закрепнување од коронавирусот, на масовна вакцинација, но и година на економско опоравување. Деновиве, кога луѓето, домовите, се исполнети со надеж и верба, мотивирани влегуваме во новите почетоци, да продолжиме посветено во реализација на целите пред нас.  2022 година ќе биде година на нови предизвици, особено во делот на енергетиката и пандемијата со коронавирусот, но ќе биде и година на нови заеднички успеси на општествен, социјален и пред се економски план, вели Ковачевски во видео – честитката.

Фокусот, посочува тој, ќе биде на економијата и подобрување на животниот стандард на граѓаните, но и на исполнување на стратешката цел – членство во ЕУ.

-Со фокус на економијата, ефикасност на институциите, одговорност и чесност да го подобриме животниот стандард на граѓаните. Минималната плата мора да продолжи да расте, а со неа ќе растат и просечната плата, пензиите, додека невработеноста и натаму ќе опаѓа. Тоа ќе го постигнеме со одговорна и посветена работа, заедно со мојот тим и заедно со вас граѓаните. Нашата заедничка иднина е иднина во ЕУ и нема да се откажеме од тој стремеж, ќе работиме за исполнување и на оваа стратеша цел, вели Ковачевски.

Тој повикува 2022 да биде и година на сплотеност и заедништво.

-Нека 2022 година биде година на сплотеност и заедништво. Зад нас да ги оставиме поделбите и деструкциите. Здружени во сегашноста, за да не останеме поделени во иднината. Заедно да го чуваме и градиме нашиот заеднички дом – Република Северна Македонија. Нека е среќна новата 2022 година, ви посакувам добро здравје, мир и спокој во празниците што претстојат, стои во честитката од претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни