Македонија

Ковачевски: Одолговлекувањето на ЕУ процесот ја намалува посветеноста на општеството

Ковачевски: Одолговлекувањето на ЕУ процесот ја намалува посветеноста на општеството

Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски во интервју за МИА истакна дека одолговлекувањето на ЕУ процесот ја намалува посветеноста на општеството.

Ковачевски сака брзо но и квалитетно решение со соседна Бугарија за да се отворат долгоочекуваните и заслужени преговори со ЕУ, од разговорот јасно произлегува дека целта на  Владата е да воспостави доверба помеѓу двете страни, нешто што го поздравија и челниците на Европската Унија.

Премиерот Ковачевски меѓутоа ги предупредил неговите соговорници и дека секое ново одложување на процесот неминовно влијае врз поддршката на граѓаните, но и врз апетитот на други големи сили на Западен Балкан.

„Она што е заедничко за сите овие средби е поддршката којашто ја добивме како држава во однос на реформските напори што ги правиме на патот кон Европската Унија. Се потврди дека за нас има позитивно мислење коешто е искажано во четирите позитивни последователни извештаи на Европската Комисија за Република Северна Македонија, и разговаравме за начинот и брзината со којашто би се одржала првата меѓувладина конференција за Република Северна Македонија со ЕУ“, вели Ковачевски.

Тој додава дека ние како држава, или како коалициска Влада, имаме унисон став дека наша стратешка цел е членство во Европската Унија.

„Исто така, оваа влада имаше единствен став дека стратешка цел на Република Северна Македонија е членство во НАТО. Тоа го остваривме и тоа со носење на тешки одлуки за државата коишто на крајот на денот се покажа дека се правилни со оглед на тоа дека станавме членка на НАТО и сме дел од најголемата одбранбена алијанса во светот. Во однос на ЕУ, таа цел сѐ уште не е остварена, и таа се должи на тоа што имаме предизвик и отворено билатерално прашање со Република Бугарија коешто треба да се реши што побрзо. Јас велам дека ни треба брзина во решавањето, меѓутоа велам дека не треба да се избрзува со решението. Бидејќи решението коешто ќе се постигне треба да биде основа којашто ќе биде прифатена од двете страни и којашто ќе претставува основа за градење на добрососедски односи, меѓутоа и основа за брз напредок на Република Северна Македонија кон целосна интеграција и полноправно членство во ЕУ“, порачува Ковачевски.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни