Ковачевски: Оние кои се заробени во историјата ја заробуваат историјата во себе и така стануваат нивна кочница, но ние имаме европски поглед врз база на историјата од која учиме

Свесен сум за загриженоста што ја предизвикуваат обидите за спорадични и иритирачки провокации кои повремено и намерно се стимулираат во земјава од страни чии што интереси се реакции спротивни на остварувањето на нашите државни стратешки цели, рече премиерот Димитар Ковачевски од Куманово каде се одбележува 11-ти октомври, а алудирајќи на Бугарија и отворањето на бугарските културни центри во Македонија.

Тој додаде дека земјава е посветена на заштита на државните интереси и кон институционални решенија соглансо законите и европското поведение.

Се вчитува...

„Веруваме дека како и за се досега нашата мудрост е и вратата и клучот на нашата европска иднина. Клуч за предизвиците и врата за решенијата. Оние кои се заробени во историјата ја заробуваат и историјата во себе и така стануваат нивна кочница, но ние имаме европски поглед и тој е насочен кон иднината врз база на историјата која ја славиме и ден денес“, додаде Ковачевски.

По повод Денот на народното востание – 11 Октомври владина делегација, предводена од премиерот Димитар Ковачевски со високи почести положи свежо цвеќе на Спомен-костурницата во Куманово. Во владината делегација во Куманово се и Артан Груби, прв заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика и Адмирим Алити, министер за информатичко општество и администрација.

Во чест на паднатите борци, како дел од официјалните делегации, свежо цвеќе положија и Сојуз на борци, делегација на Собрание, Кабинет на претседател на Република Северна Македонија, Армијата на Република Северна Македонија, градоначалник на Општина Куманово, делегација на дипломатски кор и политички партии.