Крај за хартиените рецепти: ФЗО воведува целосна дигитализација за поголема контрола и заштеди

Македонското здравство се подготвува за голем дигитален пресврт со цел поголема ефикасност и контрола. Директорот на ФЗО, Сашо Клековски, во изјава за 4tv.mk истакна дека крајниот рок за целосна имплементација на системот „Е-рецепт“ е 1 јуни. Овој систем веќе успешно функционира во Србија, каде што за две години донел заштеда од 10% во потрошувачката на лекови.

„Дигитализацијата има два аспекти – едниот е продуктивност за граѓаните да не одат по шалтери, а другиот е намалување на просторот за злоупотреби,“ изјави Клековски за 4tv.mk. Моментално, во Македонија годишно се издаваат над 24 милиони рецепти со вредност од околу 55 милиони евра, а физичката контрола на толкав обем на документи е речиси невозможна мисија. Со новиот систем, матичните лекари и фармацевтите ќе користат дигитални потписи, што ќе овозможи автоматска верификација на секој рецепт.